МАРТИН КЛИНЧАРОВ ВО КОЛУМНАТА ЗА СПОРТ+

Вечерва (20:30 часот) го започнуваме новиот настап, на уште едно Светско ракометно првенство. Нова, подмладена репрезентација. Подмладени се и другите. Сепак тие ги задржаа своите карактеристики на игра.

• Подмладувањето и промената на генерации се планираат однапред, а не кога тројца играчи ќе се повлечат заради старосна граница или повреда. Тие создаваат играчи според сопствени потреби и никако не се откажуваат од најдобрите, најталентираните. Ниту Франција, Германија, Скандинавците посебно, но и нашите соседи. Сите освен ние. Ние ем немаме многу избор, ем лечиме фрустрации и ја ставаме репрезентацијата во улога на заложник за лични и тесно клупски интереси.

А, сепак сакаме да играме како Норвешка. Но, ова е долга тема за поширока анализа за некое друго место. Сепак тенка е линијата помеѓу „Полковник„ и „Покојник“. Одговорноста е на оној кој селектира и оној кој го поставил оној кој селектира.

Како коинциденција, ова светско првенство го отвораме против Норвешка.
Натпревар помеѓу „Оние кои сакаат да бидат Норвешка“ и Норвешка. Така барем рече селекторот на прес-конференцијата два дена пред тргнување на ова СП.

Не слушнавме цели и задачи за ова СП!?
Не слушнавме реални очекувања!?
Пласман кој го таргетираме!?

Да бидеме подобри барем едно место од претходното СП, или барем да го демантираме реномираниот „Handball Planet„ кој типуваше дека ќе завршиме на ‘високото’ 25то место. Според таа прогноза, пред нас е и Зеленортската Република. Според вчерашните резултати со кои веќе споменатата Република го декласираше Уругвај а Иран го победи Чиле, веќе се еден чекор пред нас.

Ова СП ја имаме и таа „несреќа“ да во овој систем на натпреварување нема веќе 6 екипи во група па да можеме да бараме бодови и шанса за пласман понатаму против екипи како Бахреин, Саудиска Арабија или САД сепак и во овој формат, бевме доволно „несреќни“ да покрај еден голем фаворит за медал и висок пласман, ни паднат репрезентации кои се во сериозен налет и раст како Холандија и Аргентина каде неможеме да се надеваме на лесни бодови.

Репрезентации кои во своите состави имаат играчи како Стеинс и Симонет кои се носители во екипи кои се во самиот врв на европскиот ракомет како ПСЖ или освојувале трофеј во Лигата на Шампионите со Монпеље.
Во таа насока веројатно се изјавите на голем број селектори на ова СП, вклучувајќи ги и оние на Вујовиќ и Зорман дека Македонија на ова СП неможе да се надева на било каков успех, но може да им прави проблеми на сите репрезентации.

Во недостаток на реални очекувања, ова може и треба да биде мотив плус за секој еден репрезентативец да покаже дека има поголеми квалитети од она што се зборува во ракометната јавност.
Фразите „ќе се бориме„ и „ќе дадеме се од себе“ мислам дека се подразбираат и дека ги надминавме.

Во пресрет на ова СП нашата репрезентација одигра неколку пријателски натпревари.

Тоа беше можност да ја видиме нашата репрезентација на дело како изгледа.
Два од тие натпревари беа и оние со Хрватска и Израел. Од повеќе причини тие пријателски натпревари не можат да дадат реална слика за тоа како ние би изгледале или играле кога ќе дојде она вистинското, најмногу заради повредите на неколку клучни играчи, како Талески и Митрески, но и прикривање на дел од тактичките решенија кои нашиот селектор веројатно веќе ги има подготвено пред се за Холандија и Аргентина.

Сепак, она што загрижува на прв поглед е немањето решение во одбраната. Примаме многу голови кои пак не можеме да ги надоместиме во напад. Она што во минатото не красеше во играта, и беше главна карактеристика на двете претходни генерации, цврстата одбрана и карактеристичните дефанивци како Злате Димитровски, Горан Андоновски и Ќани Николовски од постарата генерација или како Веле Маркоски, Аце Јоноски, Горан Ѓоргоноски од поновата генерација, сега го немаме како карактеристика.

Повторно тежината ќе падне врз Талески и Кузмановски од кои многу ќе се очекува и во нападот за кои пак немаме ни приближно соодветна замена. Сакале или не тие не можат да играат на високо ниво во два правци на ваков турнир систем повеќе од 10—15 мин.

Позициите 3 и 4 во одбрана 6—0 се веројатно клучот за брза транзиција и максимална искористеност на нашите две искусни крила Манасков и Георгиевски и брза и лесна реализација. Единствениот кој во овој состав е окарактеризиран како дефанзивец е Младеновиќ кој ќе мора да ги оправда очекувањата и да превеземе дел од товарот од Талески и Кузмановски пред се во дефанзивниот дел.

Никола Маркоски и Коки Петров како пивотменски тандем веројатно исто ќе треба да преземат дел од одбранбениот товар, со оглед на фактот што Жарко Пешевски како прв избор на линијата ќе има само напаѓачка улога. Марко Стојковиќ е последниот во низата пивоти, четири, играч кој дефинитивно има светла иднина, висок пивот кој игра во два правци, со одлична координација е тип на играч од модерниот ракомет кон кој се стремиме, сепак малото искуство, малиот бројот на одиграни натпревари, пред се малиот бројот на одиграни квалитетни натпревари, се хендикеп и показател според кој Марко Стојковиќ повеќе би бил гледач на ова СП отколку активен учесник. Во таа насока два пивоти со далеку поголемо искуство пред него би требало да конкурираат за тоа место.

Аларов и пред се Милан Лазаревски, играч со интернационално искуство, кој работеше под палката на Урош Зорман во Словенија, со одлична статистика, напаѓачки, но пред се дефанзивно ќе беше адут плус во и така дефицитарната одбранбена формација. Марио Танковски е дефинитивно име кое недостасува на овој список, пред се во напаѓачка формација. Играч кој веќе има искуство со настапи на големите натпреварувања, дефинитивно може повеќе да допринесе од Ѓоргиев или Павле Атанасиевиќ.

Левата бековска позиција која е најдефицитарна, не смееше да се остави без веројатно најголемиот талент кој Македонија воопшто го имала по Пепи Манасков и селекторот Лазаров, Емилијан Ѓоргоски, лев бек/среден, 20 годишен играч од 2.02м. играч кој може да игра во два правци, играч кој по барање на данскиот стручњак на клупата на Еурофарм Пелистер беше прекомандуван во првата екипа со акцент врз кој ќе се гради играта на Еурофарм Пелистер во следните години. Цветан Кузманоски како последен во низата играчи кои се неоправдано оставени надвор од списокот на патници за ова СП. Играч кој беше замена за повредениот Манасков на претходното СП, со одлична техника, без страв и преголем респект, играч кој покажа дека може да се смета на него во иднина.

Важно е играта да биде убава за око. Атрактивна!
Ама поважен е резултатот!

Секој почеток е тежок, секоја промена, посебно како оваа кога се прави практично од нула, што од немање визија, што од незнаење, е уште потешка, но за да играме како Норвешка веројатно треба да создадеме играчи од тој тип. Играчи кои ќе можат да трчаат во два правци. Физички подготвени, технички и тактички посупериорни од противникот. 10—12 играчи кои ќе можат да се надополнуваат на ваков турнир систем во кој нема време за многу одмор или корекција на грешките.

Важно е играта да биде убава за око. Атрактивна. Ама поважен е резултатот. Тоа носи бодови, подобар рејтинг. Тоа и вчера на ова СП го докажаа оние анонимни репрезентации како Иран и Зеленортска Република, но со години наназад ни го покажуваат и докажуваат и Шпанија и Хрватска. Силна и цврста одбрана, брзи контри, напад до изнемоштеност, грд и неубав за око, но ефективен.

Додека не создадеме играчи и генерација како онаа на Норвешка за да играме норвешки ракомет, да се држиме до македонскиот инает и борбеност.

Со среќа момци!
За кого?!
СО
❤️ ЗА МАКЕДОНИЈА!  🇲🇰🇲🇰🇲🇰

МАРТИН КЛИНЧАРОВ