Со натпреварот меѓу Полска и Франција што се игра во вечерва со почеток во 21 часот ќе стартува 28.то Светско првенство во ракомет за мажи, што од 11 до 29.јануари ќе се одржува во Полска и во Шведска.


Македонија ќе го има своето осмо учество на Светските првенства, или шесто во низа од 2013 година. Нашата репрезентација е во Ф групата заедно со селекциите на Норвешка, Холандија и Аргентина. Првиот натпревар Македонија го игра на 13.јануари во петок против Норвешка во Краков.

На првенството ќе играат 32 репрезентации поделени во 8 групи:

А група: Шпанија, Црна Гора, Чиле и Иран.

Б група: Полска, Франција, Словенија и Саудиска Арабија.

Ц група: Шведска, Бразил, Зелеортски острови и Уругвај.

Д група: Исланд, Португалија, Унгарија и Јужна Кореја.

Е група: Германија, Катар, Србија, Алжир.

Ф група: Норвешка, Македонија, Холандија и Аргентина.

Г група: Египет, Хрватска, Мароко и САД.

Х група: Данска, Белгија, Бахреин и Тунис.

Титулата светски првак ја брани селекцијата на Данска, која на последните две првенства триумфираше и немаше ниту еден пораз.

Трите првопласирани селекции од секоја група ќе продолжат во главната фаза, додека четврто пласираните селекции од групите ќе разигруваат во Президент купот од 25 до 32.место.

Натпреварите ќе се играат во четири градови во Полска – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк и во пет градови во Шведска – Стокхолм, Малме, Јончепинг Кристијанштад и Гетеборг.

Покрај македонската репрезентација на шампионатот ќе биде присутна и македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.