Македонската машка сениорска репрезентација, по осми пат (шести во низа) ќе биде дел од светската ракометна елита.

Македонија ќе настапува на 28-то Светско првенство што од 11 до 29 јануари, ќе се одржува девет градови во Шведска и Полска.

32-те селекции ќе бидат поделени во осум групи.

Нашата селекција ќе настапува во групата Ф, чиј домаќин ќе биде полскиот град Краков, а за противници редоследно ќе ги има селекциите на Норвешка, Аргентина и Холандија.

РАКОМЕТ СП – Д ГРУПА (Краков, Полска)
13.01 (петок)     МАКЕДОНИЈА  – Норвешка 20:30 часот
15.01 (недела)   МАКЕДОНИЈА  – Холандија 18:00 часот
17.01 (вторник)  МАКЕДОНИЈА  – Аргентина 18:00 часот

Пласман во следната рунда нема да обезбеди само последно пласираната селекција. Првите три ќе вкрстат со трите прворангирани од група Ц во која се: шесткратниот светски првак Франција, ко-домаќинот Полска, како и селекциите на Словенија и Саудиска Арабија.

Како дел од подготовките, за овој Мундијал, избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа четири контролни натпревари. Во првите два во Маврово со Црна Гора забележавме по еден пораз и победа. На „Кроација Купот“ во Пореч, бевме совладани од домаќинот Хрватска, а ја совладавме селекцијата на Израел.

Како што најави селекторот Кирил Лазаров на почетокот на подготовките за овој настап, подмладената селекција, во која веќе ги нема играчите кои децении наназад го носеа товарот на играта и постигнуваа забележителни резултати, за цел ќе има да ги изненади фаворизираните противници, и да биде помина првата групна фаза, а се подобро од тоа би претставувало успех. 

Првото историско учество на Мундијалите го имавме во 1999 година во Египет, кога завршивме на 18.место. Следуваше пауза од 10 години, по што на првенството во Хрватска 2009-година завршивме на 11 место. Следуваа настапите во, Шпанија 2013-та (14 место), па Катар 2015 година, каде го остваривме најдобриот пласман во освојувањето на 9 место. Во  2017-та и две години подоцна 2019-тата година, во Франција и Германија се пласиравме на 15 место, додека на последниот настап пред две години (2021) во Египет го имавме најслабиот пласман завршувајќи го шампионатот на претпоследното 23-то место.