ПЕТРОВИЌ – ЌЕ СТОРИМЕ СЀ ЗА ДА ГО ИЗНЕНАДИМЕ СИЛНИОТ ДОМАЌИН

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ги продолжува настапите во АБА лигата, а следен предизвик ќе биде гостување во Хрватска, кај екипата на Задар.

Аеродромци ќе имаат тешка задача во дуелот со Задар кој со 6 победи и 4 порази е шесто рангиран на табелата, додека МЗТ се закован на дното со само две победи.

Јасно дека сино-белите ќе мора да се вадат за пропуштеното во дуелот од претходното коло со Борац, и да атакуваат на победа, но ќе биде тешко да се изненади противникот.

Задар има одлични резултати и е екипа која игра брзо, со многу трчање. Ќе се обидеме да ја спречиме нивната транзиција и нивниот најдобар кошаркар, Лука Божиќ, кој игра извонредно сезонава. Но, тој не е единствената опасност, бидејќи противникот располага со седум-осум квалитетни играчи, а за нивната игра говори и пласманот во горниот дел од табелата. Ќе имаме нов кошаркар во ротација, Кафи ќе добие помош на плејмејкерската позиција, што секако ќе ни донесе повеќе опции. Здравствениот билтен е добар, атмосферата не е лоша без разлика на поразот на домашен терен минатиот викенд и сигурен сум дека со максимална борбеност и желба за успех ќе сториме сѐ за да го изненадиме силниот домаќин.

истакнува Александар Петровиќ тренерот на МЗТ Скопје Аеродром

Натпреварот од 11.коло меѓу Задар – МЗТ Скопје Аеродром ќе се игра вечерва со почеток од 20 часот.