Одбојкарките на Наковски волеј и Работнички ги делат само една победа од пласман во финалето на шампионатот на Македонија кај дамите.
Екипата на Наковски волеј направи голем чекор кон финалето по победата над актуелниот шампион Јанта Волеј со 3:1.
Домаќинките ги добија првиот, третиот и четвртиот сет за заслужена предност во полуфиналната серија од женскиот плејоф. Константноста во играта на струмичкиот тим беше клучниот фактор за триумфот против лутиот ривал. Јанта Волеј успеа да парира само во вториот сет, но немаше сили за целосен пресврт на овој дуел.

Работнички Скопје ја оправда фаворитската улога и славеше максимална победа од 3:0 на гостувањето кај Младост УГД во Штип.
Првите два сета донесоа голема неизвесност и силен отпор од страна на младите штипски одбојкарки. Клучниот момент се случи во финишот на вториот сет кога скопјанки постигнаа два врзани поени за водство од 2:0. Најефикасна во тимот на Работнички беше Тамара Стојанова со 14 поени, додека Василевска и Милевска додадоа девет и осум поени.
Двата реванш полуфинални натпревари ќе се играат в0 понеделник во Скопје.


































