Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш по вторпат ќе биде домаќин на финалниот турнир од Купот на ОФМ во двете конкуренции. Натпреварите ќе се играат на почетокот на следниот месец односно од 3 до 5 април. Одбојкарската федерација на Македонија и општина Радовиш како технички организатор имаа одлична соработка за завршницата на Купот во 2023 година, која сега ќе биде обновена.
Тридневната куп-програма ќе стартува на 3 април (четврток) со полуфиналните дуели во машка конкуренција. Ден подоцна (4 април, петок) на програмата се полуфиналните натпревари кај дамите. На 5 април (сабота) закажани се финалните дуели, прво во женска, а потоа и во машка конкуренција.
Пласман во полуфиналето кај мажите обезбедија бранителот на титулата Штип УГД, Струмица 47&72, Борец и Работнички 71&22. Кај дамите во полуфиналето се најдоа Наковски Волеј, Јанта Волеј КВ, Фит Фан Волеј и Работнички Скопје.
Ждрепката за полуфиналните парови е закажана за 7 март (петок) во 13 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.