Како што најави Масар Омерагиќ при неговиот избор за претседател на ФФМ, дојдоа промените во младинските фудбалски селекции. Откако претходно беа разрешени старите, денеска УО на ФФМ ги именува новите селектори во младинските репрезентации.

На предлог на спортскиот директор на Национални репрезентации, Горан Пандев и техничкиот директор на ФФМ, Ѓорги Христов, УО на ФФМ ги прифати предлозите за нови селектори на младинските национални репрезентации.

ОВА СЕ НОВОИМЕНУВАНИТЕ СЕЛЕКТОРИ И ДИРЕКТОРИ

Димитар Капинковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 18 години (генерација 2008.). Капинковски е поранешен репрезентативец на Македонија и тренер на битолски Пелистер, Победа Прилеп и Самтредиа од Грузија. Капинковски до 2019 години беше главен тренер во Националната фудбалска академија во Битола. Ѓорѓи Стојчев, тренерот кој со Брера Академија Пандев (генерација 2008.) ја освои двојната титула, шампион и победник во Купот на Македонија, ќе биде асистент во стручниот штаб на Капинковски.

Драган Начевски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009.). Поранешениот репрезентативец на Македонија е дел од тренерскиот кадар во Академијата на ФФМ, а работеше и како асистент во репрезентацијата на Македонија до 21 година. Драган Начевски минатата натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2009. на десет контролни / пријателски натпревари, а сега добива шанса да ја предводи талентираната генерација и во квалификациски циклус кој започнува оваа година.

Горан Станковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години (генерација 2011.). Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а како интернационалец настапуваше во Русија, Турција, Белгија и Германија. Тренерската кариера на Горан Станковски најмногу е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, а беше предводник и спортски директор на првиот тим. Горан Станковски е поранешен селектор на Македонија до 17 години и 19 години. 2018 година беше избран за најдобар тренер во младински фудбал.

Илјами Исени е назначен за селектор на македонската репрезентација до 16 години (генерација 2010.). Исени, ланската натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2010. на шест контролни / пријателски натпревари.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот за назначување на директор на А македонската репрезентација и директор на репрезентацијата до 21 година.

Данчо Масев е именуван за директор на А репрезентацијата на Македонија. Поранешниот македонски репрезентативец се враќа на позицијата која ја извршуваше од јуни 2018 до ланскиот септември. Масев беше директор на најдобрата репрезентација во моментите на најголемиот успех – пласманот на Европското првенство и освоеното прво место во последното издание од Лига на нации.

Игор Митревски е именуван за директор на репрезентацијата на Македонија до 21 година. Стружанецот, поранешен прославен македонски репрезентативец, кариерата ја започна во Македонија Ѓорче Петров, а подоцна играше уште и за Караорман, Напредок и Силекс.2001. замина во Москва, во гигантот Спартак. Остави длабок белег и стана трет странец со најмногу настапи за Спартак Москва, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите. Како интернационалец настапуваше и во Украина, Израел, Азербејџан и Германија.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го назначи Борче Христов за директор на Центарот за едукација на ФФМ. Борче Христов е носител на тренерска ПРО лиценца и во тренерската кариера ги предводеше Македонија Ѓорче Петров, Цементарница, велешки Борец.

Еден од заслужните за големиот напредок на младинскиот фудбал во Азербејџан, како генерален менаџер на Карабах. Во Азербејџан, работеше и како асистент тренер во Баку.

Фудбалската федерација на Македонија му се заблагодарува на Небојша Марковски, досегашниот долгогодишниот директор на Центарот за едукација.