Кошаркарите на Црвена Звезда конечно се израдуваа на втората победа во Евролига.
Откако сезоната ја отвори со победа над Лион Вилербан, Црвена Звезда беше во низа од четири натпревар со порази. Овојпат пред својата публика во Белград, Звезда беше подобра од минхенски Баерн.
Во воведните три минути црвено-белите имаа резултатска предност. Баерн, за прв пат поведе со 9-8, а во продолжението ја зголемуваше и контролираше предноста.
Баварците имаа и 14 поени посредност во третиот период но, тоа не им беше доволно да слават. Само 9 поени постигнаа Баварците во последниот период, а тоа домаќините го искористија и славеа со 74-68.
Милош Теодосиќ со дабл-дабл ефект со 16 поени и 11 асистенции беше прво име кај победникот, додека кај поразените 16 поени постигна Карсен Едвардс.
За Црвена Звезда втора победа, колку што има Баерн за кого пак денешниот беше трет пораз во низа.
Покрај овој натпревар вечерва се играат и дуелите: Фенербахче – Олимпијакос, Жалгирис Каунас – Лион Вилербан, Армани Милано – Монако и Валенсија – Алба Берлин.