Тимот Милвоки го имаше најдобриот „скор“ во регуларниот дел од сезоната, но плеј -офот го заврши уште во првата рунда по елиминацијата од Мајами, па „Бакси“ решија да го отпуштат тренерот Мајк Буденхолцер.
Иако Буденхолцер имаше уште две години од договорот во кои би заработил 16 милиони долари, „Бакс“ решија дека е време да се збогуваат.
„Одлуката да се направи оваа промена беше многу тешка. Бад помогна да го води тимот во последните пет сезони, што не доведе до нашата прва титула по 50 години. Ние сме му благодарни, за водењето на тимот и победничкиот дух што го создаде во Милвоки. Ова е можност за нас да се преструктуираме и да изградиме нова шампионска екипа“, изјави генералниот директор на клубот Џон Хорст.
Само шести пат во историјата на НБА, тимот со најдобар победнички процент во сезоната е елиминиран од осмиот носител. Баденхолцер беше критикуван за неговото водење на тимот и губењето на двоцифрена предност во натпреварите 4 и 5, како и за тоа што не повика тајмаут на крајот од петтиот натпреварот да ја прекина серијата на противникот.
Тој во петте сезони на клупата на Милвоки, три пати ја завршуваше сезоната како првопласирана екипа, а во 2021 година ја освои и титулата. На 391 натпревар оствари 271 победа и 120 порази.





































