Македонскиот кошаркарски репрезентативец Адем Мекиќ не го криеше разочарувањето по неочекуваниот пораз на домашен терен од Кипар (75:85). Натпреварот се одигра во рамките на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Нашето крило искрено ги анализираше причините за неуспехот на националниот тим во Скопје. Според него, противникот покажал далеку поголема енергија и желба за победа, особено во дуелите под кошевите.

„Честитки за Кипар за победата. Се покажа дека повеќе го сакаа резултатот од нас. Влегоа поенергично и во нападот и во одбраната, не натскокаа на наш терен. Ништо не е загубено, но мора сите да се погледнеме во огледало, секој сам за себе, и во следните два меча да покажеме повеќе енергија и доминантна игра за да стигнеме до посакуваната цел“, вели Мекиќ.

Сепак, кошаркарската репрезентација на Македонија сè уште ги држи конците во свои раце пред завршницата од овој циклус. Мекиќ е убеден дека квалитетот е на наша страна, но истакнува дека тоа мора да се потврди на паркетот.

„Секако дека имаме квалитет да победиме со десет поени разлика, иако е многу. Не е недостижен резултат. Знаеме дека имаме квалитет, искрено мислам дека сме доста поквалитетни од Кипар. Но, тоа мора да го покажеме на терен. Пристапот ќе биде клучен на следните дуели за позитивен резултат“, порача Мекиќ.

По ова коло во Ф групата, Кипар е лидер со максимални два триумфи (4 бода), пред Македонија со една победа и еден пораз (3 бода), додека Австрија е последна без триумф (2 бода).

Натпреварите од третиот круг на претквалификациите за Евробаскет 2029 продолжуваат во февруари следната година. Нашите кошаркари прво ќе ја пречекаат Австрија на домашен терен, а потоа ќе гостуваат кај Кипар.