За македонската ракометна репрезентација претстои нов циклус квалификации, овој пат за Европското првенство 2028 година. Првите предизвици во ноември се домашниот дуел со Луксембург и незгодното гостување кај Грција. Главната цел на националниот тим останува континуитетот на големите европски натпреварувања.
Првиот човек на РФМ, Александар Стефанов, на денешната прес-конференција ги истакна високите очекувања. За да го задржиме фокусот исклучиво на квалификациите, еве го најважниот дел од неговата изјава:
„Очекуваме победи, не одиме со бело знаме, сметаме дека сме поквалитетни. Нормално, очекуваме пласман и на ЕП 2028, се надевам дека се ќе биде во најдобар ред, играчите ќе бидат здрави и ќе донесеме радост на цела Македонија“, истакна Стефанов.

Селекторот Кирил Лазаров повика на максимална претпазливост пред овие исклучително важни натпревари. Во фокус на самите противници и теренот, тој потенцираше:
„Нема да потцениме никого, дури ни Луксембург кој доби сериозен селектор откако го именуваше Дидие Динар, легендарниот Французин.Што се однесува до дуелот со Грција, тоа ќе биде вистински, тврд меч само за карактерни играчи. Тоа ќе биде вистински испит за нас, добро ќе се подготвиме. Треба да продолжиме во исто и во уште подобро темпо во периодот што следи“, изјави Лазаров.
Македонија ќе биде значително засилена, откако и официјално Дмитро Хориха, доби дозвола од ЕХФ за настап во црвено-жолтиот дрес.
Првите два натпревари македонската селекција ќе ги игра со Луксембург на 4 ноември дома и Грција на гости на 8 ноември. Во групата противник на црвено-жолтите е и селекцијата на Шведска.
Двете прво рангирани и четири најдобро третопласирани репрезентации, ќе патуваат на шампионат што ќе се одржи од 13-30 јануари 2028 година во Шпанија, Португалија и Швајцарија.




































