Во Гевгелија вечерва ќе се одигра првиот официјален натпревар и тоа за пехар, во новата ракометна сезона во Македонија. Екипите на Вардар и Охрид ќе се соочат во Суперкупот на Македонија.
Ова е дуел на актуелниот шампион и победник во Купот на Македонија, Вардар и Охрид кој играше во куп финалето.
Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар атакува на својот петти суперкуп наслов во историјата. Од друга страна, амбициозниот состав на Охрид ќе се обиде за првпат да стигне до трофејот. Охриѓани се само петтата екипа која стигнала до шанса да се бори за овој значаен.
Двата тима во претсезоната веќе одиграа два финални натпревари. На турнирите во Струга и Охрид, ракометарите на Охрид излегоа како победници.
Вардарци во меѓувреме имаа и кратка принудна пауза, а поради повреди и болест кај дел од ракометарите, не играат натпревари во Регионалната лига. Охриѓани пак токму преку тие дуели ја одржуваа потребната форма и дополнително се воигруваа.
Кој подобро го искористи периодот меѓу нивните последен натпревар и денешниот ќе видиме во дуелот што ќе почне од 19 часот.
Вардар досега четири пати го креваше трофејот во Супер купот (2017, 2018, 2019, 2023), кој Еурофарм Пелистер го освои во три наврати 2021, 2022, 2025. Меѓу освојувачите е и тимот на Алкалоид кој беше победник во 2024 година.




































