Македонската репрезентација под водство на новиот селектор Гоце Седлоски вечерва во Сараево ќе го игра првиот од двата контролни натпревари предвидени за овој период.

Македонија ќе ги одмери силите со селекција на Босна и Херцеговина, учесник на претстојното Светско првенство.

За нашиот противник ова е генерална проба и празнично испраќање пред нивниот историски настап на Мундијалот. Од друга страна, за македонски состав ова претставува официјален старт на подготовките за септемврискиот циклус во Лигата на нации.

Гоце Седлоски најави офанзивен фудбал и максимална борбеност, нагласувајќи дека за него не постојат неважни пријателски средби. Нашиот тим се соочува со сериозни кадровски проблеми поради повредата на капитенот Енис Барди во последен момент.

На теренот во Сараево главната креативна улога и лидерската палка ќе ја преземе нашиот најдобар фудбалер, Елиф Елмас.

„Енис е многу важен за нас, како капитен и како човек во соблекувалната. Ќе недостасува на овие натпревари, затоа што и кога не игра, многу им помага на сите. 

Очекувам да играме понапаѓачки, затоа што ако не напаѓаш, не можеш да победиш. 

Секогаш позитивно ги пречекуваме новите играчи, без разлика од каде доаѓаат. Кога се игра за Македонија, сите го даваат максимумот. Наша задача е да им помогнеме побрзо да се вклопат и да создадеме добра атмосфера како што беше и претходно“, изјави Елмас.



Селекторот во својот список вклучи дури пет дебитанти кои со нетрпение чекаат шанса да ги покажат своите квалитети на теренот.
На овој, но и натпреварот против Турција, македонските фудбалери ќе треба да ја вратат вербата кај навивачите, загубена по баражот со Данска.

Вечерашниот дуел БиХ – Македонија ќе почне од 20.30 часот. Потсетување дека веќе во понеделник (1 јуни) Македонија во Истанбул ќе и гостува на Турција.