Ракометарките на Вардар забележаа очекувана и убедлива победа во дуелот со битолски Пелистер. Во натпревар од 19.коло од Супер лига, Вардар на домашен терен го совладаа Пелистер со 11 голови разлика 37:26.

Вардарки силно го отворија натпреварот и уште во третата минута поведоа со 4:2. Со сигурна игра во нападот и цврста одбрана, тие постепено ја зголемуваа предноста. Со серија од 4:1, стигнаа до убедливи 8:3. Сепак, гостинките не се предадоа и во продолжението успеаја да ја намалат негативата. Во 21.минута Пелистер се доближи на 11:8, а само неколку минути подоцна (24-та), намали на 12:10, внесувајќи неизвесност во финишот од првото полувреме. До паузата, Вардар успеа да ја задржи предноста, па на полувреме резултатот гласеше 14:12.

Во второто полувреме Пелистер 2012 даде силен отпор и во 35-тата минута успеа да ја намали негативата на само еден гол (18:17). Сепак, вардарки брзо одговорија и со серија од 3:0 повторно се одлепија на 21:17.Како што одминуваше времето, домаќинките целосно ја презедоа контролата на натпреварот. Во 49-тата минута Вардар веќе имаше убедлива двоцифрена предност од 31:21, со што практично го реши победникот.До крајот, „црвено-црните“ сигурно ја одржуваа предноста и без проблем го приведоа мечот кон крајот, славејќи убедлива победа од 37:26.

Најефикасна во редовите на Вардар беше Попова Нина со осум погодоци, додека кај Пелистер 2012 со ист учинок се истакна Бундеска.

Ивона Кимовска