Македонскиот атлетичар во скок во далечина Андреас Трајковски оствари одличен резултат на митингот во Горзов, Полска. Тој го освои третото место со скок со должина од 7.82 метри.

Митингот е со сребрена етикета од континенталните митинзи под покровителство на Европска атлетика со што Трајковски уште еднаш покажа дека се наоѓа во одлична форма на самиот почеток на сезоната. Македонскиот атлетичар на новото ажурирање ќе напредува и на ранг-листата.

Скокот од 7.82 метри ќе му донесе 1099 поени според таблицата на Светска атлетика.
Инаку, Трајковски имаше одлична серија и шест скока на митингот во Полска (7.43; 7.78; 7.82; 7.56; 7.76 и 7.77 метри).

Ова беше втор настап за македонскиот атлетичар откако претходно во дански Архус го освои второто место со скок од 7.38 метри.
Првото место на митингот во Горзов му припадна на Лука Херден (Германија) со 8.18 м, додека втор беше Лестер Лескеј (Шпанија) со 8.03 метри.