Со денешните четири натпревари по два во групите А (Хернинг) и Ц (Осло) стартува 17. Европско првенство во ракомет, кое ќе трае до 1. февруари кога на програмата е и финалниот дуел во Хернинг, Данска. Домаќини на шампионатот се три држави: Данска, Норвешка и Шведска и ова е второ ЕП што ќе се игра во три земји, по првенството во 2020 година.

На завршниот турнир ќе учествуваат 24 репрезентации, поделени во шест групи по четири селекции, а двете првопласирани од групите ќе обезбедат пласман во Главната фаза каде ќе се формираат нови две групи по шест репрезентации (меѓусебните дуели се пренесуваат во следната фаза). Првите две селекции од групите ќе играат полуфинале, а третопласираните дуел за 5. место.

Титулата ја брани Франција, која на претходното Европско првенство ја победи Данска во финалето со резултат 33:31 по продолженијата, во еден од највозбудливите завршници во историјата на ова натпреварување. Најуспешна нација е Шведска со 5 златни медали, Франција има 4, а најмногу медали има Шпанија вкупно 9 (2 злато – 5 сребра – 2 бронзи), а следна е Данска со 8 медали (2 злато), која важи и за најголем фаворит за првото место.

На ЕП 2026 учествува и Македонија. За „црвено-жолтите“ ова ќе биде деветто учество на еден евро-шампионат, а првото учество беше 1998 година на ЕП во Италија, додека од 2012 во Србија кога Македонија го освои 5. место, нашата репрезентација е постојан учесник.

Својот прв настап избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе го имаат утревечер (20:30 часот) против кодомаќинот Данска. Во групата Б се и селекциите на Португалија и Романија. Натпреварите од оваа група ќе се играат во Хернинг.

На првиот ден од шампионатот двојките се: Шпанија – Србија (почеток 18 часот); Германија – Австрија (почеток 20:30 часот); Франција – Чешка (почеток 18 часот) и Норвешка – Украина (почеток 20:30 часот). 

РАСПОРЕД НА ГРУПИ:

А ГРУПА (Хернинг): Германија, Шпанија, Австрија, Србија,
Б ГРУПА (Хернинг): Данска, Португалија, МАКЕДОНИЈА, Романија
Ц ГРУПА (Осло): Франција, Норвешка, Чешка, Украина
Д ГРУПА (Осло): Словенија, Фарски острови, Црна Гора, Швајцарија
Е ГРУПА (Малме): Шведска, Хрватска, Холандија, Грузијa
Ф ГРУПА (Кристијанстад): Унгарија, Исланд, Полска, Италија.

Натпреварите од Главната фаза ќе се играат во Хернинг и Осло, а завршниот викенд во Хернинг.