Европската ракометна федерација ја повлече номинацијата на двајца македонски судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, за машкото ЕХФ Евро 2026. Тие нема да патуваат на првенството во Данска, Шведска и Норвешка од 15 јануари до 1 февруари.
Како што информираат од ЕХФ, најдобрите македонски, но и светски арбитри, наводно манипулирале со тестовите за својата физичка подготвеност.
Во информацијата на ЕХФ се вели:
Како дел од подготовките за шампионатот, сите судиски парови мора да спроведат задолжителен тренинг за кондиција и проценка на физичката подготвеност.
Овој процес е дизајниран да обезбеди физичка подготвеност на судиите и усогласеност со стандардите за изведба на турнирот. Вклучува прикачување на две видео снимки од таканаречен „Повеќестепен фитнес тест“. Еден од осум недели и еден од четири недели пред EHF EURO. Овие видеа се оценуваат од фитнес партнерот на EHF, Fitgood Pro.
По доставувањето на снимките од Николов и Начевски, ЕХФ беше известена кон крајот на декември, дека доставените видеа од двајцата судии, можеби се изменети и можеби не претставуваат точен запис од целиот тест.
ЕХФ го анализираше материјалот дополнително од страна на експертите на Fitgood Pro и го предаде видеото на својот партнер за интегритет, Sportradar.
Длабинската анализа откри докази, дека постои голема веројатност видеата да биле манипулирани.
Европската ракометна федерација по интерни консултации со раководството на турнирот на Европското првенство во 2026 година – одлучи да ја повлече номинацијата на Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Ќе бидат номинирани 17 двојки за машкото ЕХФ Евро 2026, а функционалноста на судиската рамка на првенството останува целосно обезбедена.
Случајот ќе биде дополнително истражен, а ЕХФ го задржува правото да покрене законски постапки пред своите судски инстанци.




































