Македонските ракометари го одработеа последниот тренинг во Скопје, пред заминувањето Швајцарија, а потоа и Данска на Европскиот шампионат.
На тренингот денеска ракометарите ги посети Министерот за спорт Борко Ристовски, кој им порача да играат со срце за Македонија.
„ Играјте со срце, играјте за Македонија!
Некогаш не се битни само резултатите, но секогаш е битно да се одигра максимално и да се остави срце на терен, посебно кога се носи националниот дрес.
Публиката тоа го препознава и го почитува. Како некој што со години го носеше овој дрес, знам што значи да се игра за Македонија, знам колкава чест, но и одговорност е тоа.
Верувам дека ќе одиграте максимално и достојно ќе ја претставувате Македонија и македонскиот ракомет на ова Европско првенство“, им рече Ристовски на македонските ракометари.
Мотив повеќе ракометарите ќе имаат и во обезбедените парични премии. Имено за секоја победа на шампионатот, тие ќе поделат по 2 милиони денари, како и дополнителни 2 милиони денари за пласман во втората фаза.




































