Македонската ракометна репрезентација загуби од Хрватска со 23-26 во првата контролна средба пред почетокот на Европското првенство.
Избраниците на Кирил Лазаров, во Пореч, загубија од Хрватска која не беше во најсилниот тим со кој ќе настапи на европскиот шампионат. Хрватскиот селектор им даде продолжен одмор на главните ѕвезди.
„Промашивме пет пенали, три на самиот почеток и со такво нешто не можеш да направиш ништо.
Имаме доста проблеми, имаме и многу ‘дупки’, но се обидовме некои работи да ги направиме на најдобар можен начин и да пробаме со нови сили. Ни недостасуваше, на пример, Лазаревски, но тоа е…”, изјави Лазаров.
Македонскиот селектор потенцираше дека овие подготовки се важни токму заради вклучувањето на нови играчи и тестирање на различни решенија пред континенталниот собир.
„Продолжуваме со подготовките во Хрватска до 30 декември, потоа одиме во Швајцарија на турнир, па директно на Европското првенство.
Нема да биде лесно.
Кај нас очекувањата секогаш се големи, ќе беа уште поголеми ако победевме денес, но ќе се бориме”, додаде Лазаров.
Нашиот национален тим ќе се подготвува за Европскиот шампионат на „Жолтиот Куп” во Швајцарија во втората недела од јануари 2026 година.


































