Тимот на Њујорк Никс по пауза од 52 години конечно се израдува на трофеј. Во финалето на НБА купот одиграно во Лас Векас, Никси совладаа Сан Антонио Спарс со 124-113, за првиот трофеј по оној од 1973 година.
ОГ Ануноби блесна со 28 поени, а Џален Брансон ја презеде контролата во клучните моменти со 25 поени, носејќи ја екипата кон триумф. Карл-Ентони Таунс, иако се бореше со повреда на листот, успеа да придонесе со 16 поени и 11 скока, покажувајќи борбеност и лидерство.
На спротивната страна, Дилан Харпер беше најдобар кај Спарсите со 21 поен, додека Виктор Вембањама постигна 18, а Де’Арон Фокс додаде 16, но нивниот настап не беше доволен за да го спречи налетот на Никсите.
Освен трофејот, Њујорк доби и финансиска награда – секој играч со стандарден договор инкасираше дополнителни 318.560 долари, со што вкупниот износ за пласман во финалето достигна 530.933 долари.
Оваа победа не е само уште една страница во историјата на клубот, туку и нов симбол на надеж дека долгото чекање за шампионска титула може да биде прекинато.



































