Ракометарите на Охрид остварија голема победа откако во дуелот од 17.коло на домашен терен го совладаа првакот Еурофарм Пелистер со 29:25 (13:11) и се доближи на еден бод од битолчани, за кого ова беше втор пораз во првенството.
Почетокот на дуелот беше во знак на минималната предноста на домашната екипа, а резултатот беше нерешен дури девет пати до 10:10 во 26.минута. Во тој дел од натпреварот првакот Е.Пелистер водеше само во 13.минута со 4:3 и 5:4. Но, во самата завршница на првиот дел охриѓани направија серија од 3-0 за водство од 13:10.
Во вториот дел домашната екипа бедрена од преполната сала во СЦ „Билјанини извори“ постојано ја зголемуваше предноста со цврстата одбрана и расположениот Пилиповиќ и во нападот погодуваа секогаш кога требаше и во последните десет минути влегоа со предност од осум голови (26:18). Во завршницата екипата од Битола само го „ублажи“ поразот.
Најефикасни на дуелот беа Стефан Петриќ од Охрид со 7 голови и Дејан Манасков кај Е.Пелистер со 8. Голманот на Охрид Кристијан Пилиповиќ дуелот го заврши со 12 одбрани.
На другите два дуела одиграни денеска: Тиквеш – Еурофарм Пелистер 2 27:26 и Струга – Прилеп 25:33.
Табела: Вардар 32 бода, Е.Пелистер 28, Охрид 27, Алкалоид 27, Бутел 18, Тиквеш 18, Прилеп 16, Е.Пелистер 2 15, Пролет 12, Струга 6, МРК Куманово 5, Радовиш 0.





































