Осмото коло во машката кошаркарска Супер лигата носи богата програма и неколку натпревари со голема неизвесност.

Во сабота, СРЦ „Кале“ повторно ќе биде центар на вниманието со двојна програма. Работнички (4-3 победи-порази) ќе се обиде да се врати на победнички пат против Феникс (2-5). Двете екипи имаат порази зад себе, па дуелот е важен за враќање на самодовербата, а натпреварот ќе започне од 15 часот.

Од 18 часот следува дербито на колото, во кое ќе играат второ и трето пласираните екипи на табелата. ТФТ (6-1) го пречекува Куманово (5-2), во дуел во кој двете екипи загубија во претходниот круг. Победата ќе значи рехабилитација, додека поразот би донел мини-серија од два неуспеси и чекор назад во трката за врвот.

Во Скопје, во салата „Шабан Трстена“ ќе се игра и дуелот меѓу Чаир (1-6) и Маџари (3-4), од 19 часот. Чаирчани ја запишаа првата победа сезонава против Гостивар и со засилен ростер влегуваат во дуелот. Маџари пак е пријатното изненадување досега, со три победи по ред и амбиција да ја продолжат серијата.

Кожув (4-3) по гостинскиот триумф над Феникс, сака да ја продолжи победничката низа и тоа на свој терен против Ангели (1-6). Мечот во Гевгелија е закажан за 18 часот и носи голема шанса за домашните да се зацврстат во средината на табелата.

Во недела, програмата продолжува со два натпревари. МЗТ Скопје Аеродром (6-1), актуелниот шампион, по одличниот настап во АБА2 лигата, ќе гостува кај Тиквеш (3-4) во Кавадарци, од 15.30 часот. „Сино-белите“ ќе атакуваат на нова победа за да останат во врвот.

Пелистер (6-1) ќе има тешко гостување кај Гостивар (1-6) во салата „Младост“ од 19 часот. Гостиварци со нов тренер Александар Петровиќ бараат подобар старт и ќе се обидат да изненадат фаворитот.

СУПЕР ЛИГА (МАЖИ) – 8 КОЛО

сабота
РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 15.00 ч.
ТФТ – КУМАНОВО 18.00 ч.
КОЖУВ – АНГЕЛИ 18.00 ч.
ЧАИР – МАЏАРИ 19.00 ч.
недела
ТИКВЕШ – МЗТ СКОПЈЕ А. 15.30 ч.
ГОСТИВАР – ПЕЛИСТЕР 19.00 ч.