Македонија останува без претставник на европската ракометна сцена кај дамите по елиминацијата на Металург. Тимот од Автокоманда го заврши настапот во трето по ранг натпреварување Европскиот куп.
Металург попладнево пред своите навивачи го одигра реванш натпреварот од 3.коло против екипата на Сплит. По нерешените 24-24 на првиот меч во Хрватска, денеска ракометарките на Металург се поразени со 25-26.
Гостинските ракометарки подобро го отворија натпреварот. Освен водство од 2-1, Металург постојано во првиот дел беше во негатива. На полувремето хрватската екипа замина со најголемата предност од шест голови 11-17.
Во вториот дел, далеку подобра игра на македонскиот тим. Ракометарките на Металург три минути пред крајот дојдоа на -1 (23-24 и 24-25), но не успеаја целосно да направат пресврт. Имаше шанса Божиновска од седмерец да го израмни резултатот во последната секунда, но не успеа да погоди, па противникот славеше со еден гол разлика.
А, токму Ива Божиновска со 9 голови беше најефикасната ракометарка на Металург, за кој Ана Марија Коларовска постигна седум.
Така македонските вицешампионки, не успеаја да се изборат за место меѓу 16-те најдобри во ова натпреварување, односно осминафиналето. Претходно во истото натпреварување беа елиминирани екипите на Ѓорче Петров, Куманово и Чаир.
































