Авни Абгулиј од Скопје кој на младинскиот фудбалскиот натпревар меѓу младинските екипи Брегалница и Шкупи нападна двајца 15 годишни домашни фудбалери, доби 11 месеци казна затвор.

Портпаролот на Основниот суд Штип и воедно судија кривичар, Сашко Георгиев денеска информираше дека кривичниот судски совет, чиј претседател е судијата Невена Перица ја има донесено пресудата за обвинетиот Авни Абгулиј од Скопје за сторено кривично дело насилство од член 386 став 4 од Кривичниот законик. Тој е осуден на казна затвор од 11 месеци, а пресудата не е правосилна, следи периодот на жалби до Апелациониот суд во Штип.

Инцидентот се случи на игралиштето „Бело брдо“ во Штип на 24 август годинава. Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43 годишниот родител за кривично дело.

„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, информираше Обвинителство на 25 август.

Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.