По одиграните девет кола во 1. ЖМФЛ, шампионот Љуботен повторно доминира на врвот и чекори сигурно кон својата петта титула во низа.
Тетовки ја завршија првата третина од сезоната како најефикасен тим со постигнати дури 45 гола (пет во просек по натпревар). Воедно со само два примени, тие ја имаат „најцврста“ одбрана во лигата.
Најблиску до шампионот е Скопје 2014, кој држи чекор со четири бода заостанување и се издвојува како втор најсериозен кандидат за висок пласман. Екипата од главниот град има и втора најдобра дефанзива, со само пет примени гола.
Тиверија Брера, актуелниот вицепрвак, по бавниот старт влезе во вистинската форма и повторно се најде е во горниот дел на табелата. Затоа пак, АС Јунајтед влезе во резултатска криза и со два порази по реди се наоѓа на четвртата позиција зад струмичанки.
Екипата на Истатов игра променливо. Со пет победи и четири порази, тимот реди добри настапи против ривалите подолу на табелата, но тешко освојува бодови против водечките екипи што и донесе место на средината.
Во долниот дел на табелата, Вардар ја заврши првата третина од сезоната со најслаба офанзива и дефанзива (3:47). Екипата на Топ Гол, иако со нешто подобра гол-разлика од црвено-црните, има еден бод помалку (4).
Во „опасната зона“ се Речица и Кочани, со ист број бодови како Топ Гол. Посебно се истакнува Емили Митковска, која со своите настапи ја одржува Речица во игра за опстанок.
Вториот круг ветува уште поголема неизвесност, особено во борбата за опстанок и местата кои водат кон Европа.
Во соработка со – instagram.com/wmfl.mk/




































