Македонскиот репрезентативец Лука Костиќ во новата сезона ќе има нов интернационален предизвик, како играч на кипарскиот прволигаш Анагениси Дериниа. Одбојкарот и клубот се обврзаа на едногодишна соработка.

Костиќ е четвртиот интернационалец во редовите на Анагениси Дериниа, а во дресот на новиот клуб ќе дебитира викендов, кога стартува кипарскиот шампионат.

„Со Дериниа се договоривме на едногодишна соработка. Веќе одработив неколку тренинзи со екипата и одлично сум прифатен од соиграчите. Има убава атмосфера за работа и убава енергија. Екипата е комбинација од млади и искусни играчи. Официјално сезоната стартува викендов и се надевам дека ќе биде успешна“ – изјави Лука Костиќ.

За Лука ова е ново поглавје во интернационалната кариера откако минатата сезона настапуваше во клубот Босна во првенството на БиХ. Претходно тој беше дел од српска Рибница Краљево, Марек Дупница од Бугарија, како и црногорскиот тим Будуќност од Подгорица.

Костиќ потекнува од скопски Вардар, додека во македонското првенство има настапувано и за Џио Струмица и за ГОК Борец од Велес.