Македонската фудбалска репрезентација до 21 година попладнево ќе го игра четвртиот натпревар во квалификациите за ЕП 2027-ма.

Во натпревар од 4.коло на Е групата, нашите фудбалски надежи гостуваат во Тузи кај Црна Гора.

Во овој дуел избраниците на селекторот Станиќ влегуваат по домашниот триумф над Ерменија од 2:1. Пресврт победата над Ерменците покажа дека оваа селекција знае да одигра добро и кога има негатива.

„Ги видовме нашите грешки и напредокот е евидентен. Домашниот дуел против Ерменија, добро ни дојде. Освоивме три бода, сакаме да продолжиме во таа насока.

Црна Гора е доволно анализирана, знаеме што може овој противник, но и кои му се слаби страни.

Нема што премногу да се осврнуваме на противникот, треба да ја дигнеме нашата игра на што е можно повисоко ниво, и да постигнеме уште еден добар резултат“, вели нашиот капитен Матеј Ангелов.

Двете селекции во овој натпревар влегуваат со ист „скор“ по една победа и два порази, како и Швеѓаните.

За да се задржи чекорот, колку-толку, со фаборитите Полска и Италија кои имаат шест бода повеќе од другите, бодовите од овој дуел се неопходни.

Натпреварот Црна Гора – Македонија ќе почне во 18 часот.

Следете нé на социјалните мрежи