Македонската фудбалска репрезентација до 17 години одигра храбар и квалитетен натпревар против Унгарија, ремизирајќи 2-2 во првиот дуел од квалификациската фаза за пласман на Европското првенство.
На теренот во Струмица, каде Македонија е домаќин на групата 2, избраниците на селекторот Влатко Колев покажаа борбеност и зрелост, успешно одговарајќи на предизвикот против фаворитот.
Унгарија поведе во 23. минута преку Полонкаи, но македонските надежи не се предадоа. Во 44. минута, Цветковски маестрално проби по десната страна и асистираше до Стојковски, кој израмни на 1-1. Само три минути по стартот на второто полувреме, Бошче со еврогол од слободен удар од 20 метри повторно донесе водство за Унгарија. Сепак, во 67. минута, по прецизна асистенција на Исламовиќ, Џангаровски погоди за конечни 2-2.
Во вториот натпревар од групата, Чешка ја декласираше селекцијата на Гибралтар со убедливи 13-0. Македонија во второто коло ќе се соочи со Чешка на 11 октомври, додека последниот натпревар од групата е закажан за 14 октомври против Гибралтар.




































