Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ќе го игра четвртиот натпревар во Лигата на шампионите.
По поразите од ПСЖ и ГОГ Гудме, пелистерци ги чека гостување кај првакот на Полска, Висла Плоцк.
„Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред и три натпревари во само седум дена.
Висла е силен противник, кој летово доведе уште подобри играчи во својот ростер, но и минатата година се претставија во одлично светло. Нивното ниво сега е уште повисоко, затоа мораме добро да ги анализираме и да се спремиме соодветно.
Малку ја вративме самодовербата после победата над Охрид, таму го прикажавме нашето вистинско лице. Мечот со Вардар е во минатото, сега се фокусираме само на идните предизвици“, вели Павле Атанасијевиќ.
Полскиот тим досега оствари две победи над Сегед и Загреб, па беше поразен од европскиот првак Магдебург. Тимот на Висла е еден од конкурентите на Еурофарм Пелистер за позициите што водат во разигрувањето.
Затоа, натпреварот што ќе се игра утре од 18.45 часот е од голема важност за двете екипи.