Шампионот МЗТ Скопје Аеродром и вицепрвакот ТФТ ќе ја претставуваат Македонија во новата сезона на АБА2 лигата.
Скопските екипи ќе играат по новиот формат инспириран од фудбалската Лига на шампиони. Во лигашкиот дел ќе одиграат по осум натпревари (по четири дома и гости) против различни противници. Сепак нема да гледаме македонско дерби, барем не во лигашкиот дел од сезоната. Тоа би се случило само ако играат во плејофот во кој ќе се пласираат осмите најдобро рангирани.
Први на терен ќе истрчаат шампионите. Тимот на МЗТ Скопје Аеродром вечерва пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ ќе го игра мечот од 1.коло, а противник се српскиот тим Вршац.
Влезот за натпреварот што ќе почне до 20 часот е слободен, па аеродромци очекуваат со голема поддршка од навивачите да стартуваат со победа. Натпреварот ќе може да ГО ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ и низ тв пренос на МРТ3.
Што се однесува до екипата на ТФТ, таа сезоната ќе ја почне на 13 октомври со гостувањето во Загреб кај Цибона.