Прволигашката фудбалска конкуренција продолжува и денеска со нови два натпревари под од осмото коло.
Дербито ќе се игра во Тетово каде шампионот Шкендија го пречекува Силекс. Ова е дуел на трето и четврто пласираните екипи на табелата во моментов.
За тетовчани ова ќе биде и голем тест за нивната форма, пред враќањето на европската сцена, односно стартот на натпреварите во Конференциската лига. Избраниците на Јетон Беќири во четврток ги чека првиот меч и тоа на гостувањето кај Рајо Ваљекано.
Силекс во денешниот дуел влегува со негативна серија од два врзани порази од Башкими и Струга Трим Лум. Васоски и неговите избраници ќе имаат тешка задача да ја прекинат и да впишат нови бодови.
Дербито Шкендија – Силекс ќе почне од 15 часот, а ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ и низ тв пренос на МРТ3.
Истовремено во Скопје ќе стартува и дуелот на Работнички и АП Брера Струмица. Со една односно две победи овие екипи се во долниот дел од табелата, па секој освоен бод ќе биде важен во борбата за опстанок.
Колото ќе биде заокружено утре со натпреварите во Куманово и Струга. Потсетување дека вчера во воведните два натпревари од оваа рунда победи на домашен терен остварија Тиквеш и Арсими.
ПРВА ЛИГА – 8 Коло
Денеска
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
РАБОТНИЧКИ – АП БРЕРА
Утре
БАШКИМИ – ВАРДАР
СТРУГА Т.Л. – ПЕЛИСТЕР
Вчера
ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-1
АРСИМИ – ШКУПИ 4-2