Во вториот натпревар од турнирот „Трофеј Македонија“, нашата репрезентација се соочи со селекцијата на Египет.
Почетокот донесе израмнета игра, при што Египќанките неколкупати дојдоа до минимална предност, но Македонија секогаш наоѓаше одговор и брзо израмнуваше.
Првата позначајна предност ја обезбедивме во 11-тата минута, кога поведовме со 6:4, а со добра игра успеавме да ја одржуваме разликата. Сепак, во завршницата од првото полувреме Египет ја намали негативата на 9:8, а потоа успеа и да израмни на 9:9. Двете селекции заминаа на одмор со нерешен резултат 10:10.
Во второто полувреме продолжи израмнетата игра. Двете репрезентации се обидуваа да се одлепат, но резултатот постојано се менуваше. Египет прв ја искористи шансата и во 43-тата минута поведе со 15:13. Сепак, Македонија веднаш одговори и успеа да израмни, а потоа во 56-тата минута и да поведе со 18:17.Финишот донесе вистинска драма. Египет израмни на 18:18 и доби можност од пенал за целосен пресврт, но нашиот голман одбрани.
Во следниот напад Македонија имаше шанса повторно да поведе, но не успеа да реализира. На крајот, Египет искористи нов пенал и со гол во последните моменти дојде до минимална победа од 19:18.
Утре Македонија за противник ја има репрезентацијата на Грција во 16:30 часот.
Ивона Кимовска





































