Од денеска до четврток ќе се играат по два натпревари од 6.коло во Првата македонска фудбалска лига.
По досегашните пет одиграни натпревари, две тима, Силекс и Струга Трим Лум имаат максимален ефект.
Кратовци пред три дена го примија првиот гол, но славеа над Работнички. Избраниците на Александар Васоски играат во одлична форма, но за да останат перфектни, повторно ќе мора да дадат се од себе.
„Нè очекува тежок натпревар со добар противник. И покрај тоа што имаат два пораза по ред, можам да кажам дека станува збор за цврста екипа. Сепак, верувам дека можеме да стигнеме до уште еден триумф“, изјави Васоски.
Кумановци пак добро ја почнаа сезоната и на три натпревари освоија седум бодови. Но, следуваа поразите од фаворитите за највисок пласман Шкендија и Струга ТЛ. И денешниот нема да биде полесен.
„ Го почитуваме противникот, Силекс, но нашата цел е победа. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и ќе ги направиме нашите навивачи среќни“, изјави Мурати.
Дуелот во Куманово почнува од 15.30 часот, а истовремено и натпреварот во Ѓорче Петров каде Македонија ја пречекува струмичка АП Брера. Двете екипи гравитираат во долниот дел од табелата и се во кругот на тимовите што ќе видат битка за опстанок. Затоа бодовите од овој натпревар се важни за двата тима, па може да се очекува голема борба за нив.
Во истиот термин (15.30 часот) ќе се играат и останатите четири натпревари, по два утре и задутре.
ПМФЛ 6 КОЛО
Вторник
МАКЕДОНИЈА ЃП – АП БРЕРА
БАШКИМИ – СИЛЕКС
Среда
ТИКВЕШ – ШКУПИ
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ШКЕНДИЈА
Четврток
АРСИМИ – ВАРДАР
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР




































