Ракометната федерација на Македонија (РФМ) од четврток до сабота 28-30.август) ќе биде домаќин на Регионалната ракометна лига.
Во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се игра турнир на кој ќе настапуваат екипи од Македонија, Црна Гора и Србија во машка и женска конкуренција.
Шампионот Еурофарм Пелистер и вицепрвакот Вардар, ќе бидат македонските претставници во машка конкуренција. Покрај нив учество че земат српската Војводина од Нови Сад и црногорскиот тим Ловќен од Цетиње.
Кај дамите силите ќе ги одмерат двете најдобри македонски екипи Ѓорче Петров, Металург Автокоманда. Гости ќе бидат Бор од Србија и Будуќност од Подгорица.
Овој уникатен спортски настан има за цел да го поттикне натпреварувачкиот дух, пријателството и регионалната соработка во спортот.
„Горди сме што Македонија е домаќин на првото издание на Регионалната ракометна лига. Нашата цел е преку спортот да изградиме мостови меѓу земјите од регионот, да создадеме нови можности за младите ракометари и да им понудиме на љубителите на спортот врвни натпревари. Веруваме дека оваа лига ќе прерасне во традиција и ќе биде двигател за понатамошен развој на ракометот во регионот,“ истакнаа од РФМ.
Натпреварите ќе се играат во текот на трите дена, а публиката ќе има можност да ужива во квалитетен ракомет.



 
             
		