Нема промени во изборот на селекторот на женскиот национален одбојкарски тим на Македонија во пресрет на стартот на подготовките за евро-квалификациските дуели со Австрија и Грција.

Од поширокиот список на кој се најдоа 24 одбојкарки, селекторот веднаш го „скрати“ на 18 девојки.
Тие на 20 јули на пладне треба да се стават на располагање во Маврово, на почетокот на подготовките за квалификациите за ЕП 2026.

Пауновиќ се потпира на веќе проверени сили, со оглед на тоа дека сите овие одбојкарки беа дел од претходната акција.

Тие настапија во некој од шесте натпревари од Европската Сребрена лига минатиот месец. Исклучок се коректорите Мери Бошковска, која поради повреда го пропушти комплетното учество, односно Андротеа Милевска, која ги одработи подготовките со А селекцијата, а потоа ја предводеше репрезентацијата до 19 години на Балканскиот шампионат во Тирана, Албанија.

Првата недела од подготовките сениорките ќе ја минат во Маврово, а потоа се селат во Скопје каде ќе ја темпираат формата уште една недела пред првиот квалификациски меч со Грција.

Тој натпревар ќе се игра на 3 август од 20 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Циклусот за дамите финишира на 9 август кога и гостуваат на Австрија во Виена.