Со одигрувањето на последните два дуели од Д групата познати се уште два пара за осминафиналето на Светското клупско првенство.
Фламенго го потврди првото место со бод, додека Челзи славеше против Есперанс и стигна до втората позиција.
Во директниот дуел за 2.место, Челзи победи против Есперанс со 3:0. Сите три гола беа постигнати во минутите од судиското дополнение.
Во првото полувреме Тосин Адарабијо (45+2) и Лиам Делап (45+5) му донесеа водство на лондонскиот тим. Конечните 3:0 ги постави Тирик Џорџ во седмата минута од продолжение на второто полувреме.
Во вториот натпревар од групата, нерешено му беше доволно на Фламенго да го потврди првото место. Бразилскиот тим тоа и го обезбеди играјќи 1:1 со Лос Анџелес ФЦ.
Американскиот тим поведе во 84-тата минута преку Денис Буанга, а само две минути подоцна Фламенго израмни со голот на Волас Јан.
Челзи ќе игра против Бенфика во осминафиналето, додека Фламенго ќе игра против минхенски Баерн.





































