Машката ракометна репрезентација на Македонија (У21), денеска ќе го игра вториот натпревар на младинското Светско првенство во Полска.
По вчерашниот неочекуван пораз во првиот меч, против Фарските Острови денеска македонските младинци ги чека тежок натпревар. Противници на црвено-жолтите ќе бидат нивните врсници од Романија.
Романците во првиот меч го надиграа Исланд со 29-25, па доколку денеска победат ќе бидат на чекор до едно од двете места што водат во главната фаза.
За избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ, победата е императив, како би ги сочувале шансите за прогрес понатаму. Затоа како што вели ракометарот на Алкалоид, Александар Петковски, дуелот со Романија мора да се сфати како финале пред финалето.
Сепак, тоа ќе зависи и од првиот денешен дуел од Ф групата во кој ќе играат Фарските Острови и Исланд. Овој меч ќе почне во терминот од 11.45 часот.
Стартот на натпреварот меѓу Македонија и Романија е закажан во 14 часот, а ќе може да го гледате овде ВО ЖИВО.
 
             
		
