Ракометарите на Фуксе Берлин се првите што обезбедија пласман во финалето на Лигата на шампионите. На задоволство на германската публика, воКелн, Фуксе Берлин во првиот полуфинален меч беше подобар од францускиот Нант со 34-24.

Иако од 9.минута остана без својот најдобар играч Гитсел (црвен картон), сепак Фуксе потврди дека не случајно е германски шампиони. Тимот од Берлин пласманот во финалето го најави уште во првото полувреме кое го доби со шест гола разлика (18-12).

Во вториот дел германскиот тим продолжи во ист ритам. Фуксе ја зголемуваше предноста која во еден момент изнесуваше и најголеми 11 гола. Сосема заслужено се избори за своето прво финале.

Тим Фрајхефер со 10 постигнати голови беше првиот стрелец на натпреварот и во победничката екипа.

Во вториот полуфинален меч (18 часот) ќе играат шпанската Барселона и германскиот Магдебург. Тоа е дуел на последните два шампиони од елитното натпреварување. Магдебург пред две сезони го освои трофејот, до кој Барселона стигна лани, а го освојуваше и во 2021 и 2022 година.

Победникот од овој меч утре против Фуксе Берлин ќе се бори за шампионскиот трофеј. Утрешното финале ќе се игра во терминот од 18 часот.

Следете нé на социјалните мрежи