Еурофарм Пелистер е вториот финалист на ракометниот Куп на Македонија, откако во полуфиналниот дуел на „Ф4“ турнирот во Охрид го совлада домашниот тим со 27-23.
Натпреварот започна во знакот на Охрид, кој со мотивирана и борбена игра ги казнуваше грешките на актуелниот шампион. Охриѓани на полувремето заминаа со минимално водство од 12-11.
И второто полувреме започна во сличен ритам. Двата тима имаа свои шанси, но и многу промашувања. По 37 минути игра, резултатот сè уште беше во корист на домаќините 14-13. Пелистер првпат поведе дури во 50. минута со 16-15. Клучен момент на мечот беше повредата на јапонскиот интернационалец Хироки Мацуока, кој мораше предвреме да ја напушти средбата. Тоа негативно се одрази на играта на охриѓани, кои влегоа во голгетерска криза и цели девет минути не успеаја да постигнат погодок. Пелистер го искористи тоа и со серија од 5-0 го реши натпреварот во своја корист.
Најефикасни поединци на мечот беа Филип Кузмановски и Гоце Ојлески со по седум голови, додека голманот Никола Митревски забележа 14 одбрани. Кај Охрид, најдобар поединец беше голманот Градимир Чаневски со осум интервенции.
Финалето закажано за утре (недела) со почеток во 17:30 часот, Еурофарм Пелистер за противник ќе го има Вардар кој претходно на пенали го совлада Алкалоид.
Пелистер ќе брка шеста куп-титула и прва по пауза од две децении. Вардар пак ќе се обиде да стигне до својот 17-ти трофеј, по последниот освоен пред две години.
 
             
		