Ракометарите на Вардар се првите што обезбедија пласман во финалето на Купот на Македонија. Во првиот полуфинален меч, на завршниот турнир во Охрид, Вардар го совлада Алкалоид со 32-31 по изведување на пенали, откако натпреварот заврши 28-28.
Двата тима наметнаа брза игра, но на голот на Алкалоид расположен беше Гелевски. По неговите интервенции и неколкуте брзи голови Алкалоид во 15.минута имаше двојна предност 8-4. Неколкуте „зицер“ не реализирани ситуации, им овозможија на вардарци да се врата во игра. Затоа на полувреме Алкалоид замина само со гол предност 14-13.
Во вториот дел, тимот од Автокоманда имаше гол-два предност се до 50-тата минута кога Вардар за прв пат поведе. Тоа благодарение на вардаровиот голман Еспиња кој се разбрани во овој период. Во 55-минута Вардар за прв пат поведе со два гола разлика 25-27. Тимот на Алкалоид брзо ги анулира тие два гола негатива, па со низа од три, во 58.минута поведе со 28-27. Имаа можност вардарци за израмнување кои имаа и играч повеќе (исклучен беше Ѓонов кај Алкалоид). Сепак одличниот Галевски успеа да скроти удар на Борозан. Грешката во нападот на Алкалоид ја казни Сердаровиќ кој израмни на 28-28 на 10 секунди пред крајот. Последниот напад „фармацевтите“ не го искористија, па натпреварот заврши нерешено 28-28, по што следуваа ударите од седум метри.
Во „пенал рулетот“ Галевски уште во првата серија го одбрани ударот на Пинто, а во втората Еспиња на Симоновски, а потоа и на Митев. Во последната серија Младен Крсманчиќ успеа да го надмудри Галевски и да го одведе Вардар во финалето.
Кај победничкиот тим најефикасен беше Вуко Борозан со 7 голови, а Милан Лазаревски постигна 5, додека гоманот Еспиња имаше 15 одбрани.
Мартин Серафимов со 8 голови беше прв стрелец во поразената екипа, додека Александар Петковски постигна 7. Фантастичен на голот беше Иван Галевски кој натпреварот го заврши со 16 успешни одбрани.
Кој ќе биде противник на Вардар во утрешното финале, ќе дознаеме вечерва по дуелот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер кое ќе почне од 19.30 часот.
 
             
		