Женската одбојкарска репрезентација на Македонија од 30 мај до 1 јуни во спортската сала „Парк“ во Струмица, ќе биде домаќин на првиот од трите турнири во Европската Сребрена лига.

Сениорките по вторпат ќе бидат дел од ова натпреварување, а тимот на селекторот Стефан Пауновиќ од првиот ден даде до знаење дека е подготвен да ја оправда шансата.

Во напиот табор веруваат дека е време за радост и победа, која долги години ја чека женскиот национален тим.

 

„Оваа година искрено очекувам да постигнеме високи резултати. Мислам дека, конечно, и ќе победиме на некој натпревар.

Противниците не се многу лесни, но може да им парираме. Многу сме поподготвени од претходните години, имаме и девојки кои играат и во странство и се интернационалки. Мислам дека ќе бидеме супер оваа година.

Очекувам многу публика, да дојдат, да нè поддржат, бидејќи во ова издание публиката треба да биде нашиот седми играч“, вели Ана Павлоска

Македонија турнирот го отвора на 30 мај (петок) од 20 часот, кога се соочува со Луксембург. На 31 мај нашите одбојкарки се слободни, додека Луксембург игра со Швајцарија од 20 часот. На последниот ден од турнирот, 1 јуни, во истиот термин, Македонија ја пречекува Швајцарија.

Вратите на салата „Парк“ ќе бидат широко отворени за сите љубители на одбојката. Девојките потенцираат дека поддршката ќе им биде неопходна за остварување на цел.

Натпреварите од првиот турнир од Европската Сребрена лига ќе одат низ директен телевизиски пренос на МРТ.