Возбудувањата од финалето на македонскиот кошаркарски плеј-оф продолжуваат вечерва. Во СЦ „Јане Сандански“ ќе се игра вториот натпревар од серијата меѓу МЗТ Скопје и ТФТ.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје има предност од 1:0 во победи, откако во првиот дуел славеше убедливо со 18 разлика 67-49.
Аеродромци покажаа доминација на стартот на финалето, наметнувајќи цврст ритам и дисциплина во одбраната. Тоа резултираше со убедлива предност уште и заслужен триумф. МЗТ Скопје ќе има шанса пред својата публика да направи голем чекор кон одбрана на титулата и водство од 2:0 во серијата што се игра до три добиени натпревари.
Од друга страна, кошаркарите на ТФТ ќе мора значително да го подобрат својот настап, особено во нападот, каде што на првиот меч имаа сериозни проблеми со реализацијата. Тимот од Тафталиџе досега немаат победа на гостински терен против МЗТ во „Јане Сандански“. Сепак, од нивниот табор порачуваат дека „за сè има првпат“, и најавуваат борба до крај.
Натпреварот вечерва не носи само резултатски императив, туку и дополнителен престиж. Дали МЗТ ќе ја продолжи победничката низа пред својата публика или ТФТ ќе успее да се врати во трката за титулата?
Љубителите на кошарката вечерва ги очекува уште еден интересен дуел што ќе почне во 19:30 часот.