Шаи Гилгиус-Александар ја доби наградата за најкорисен играч (МВП) во НБА лигата, и веднаш докажа зошто токму тој ја заслужи таа титула. Во вториот натпревар од финалето на Западната конференција, тој го предводеше тимот на Оклахома Сити втората победа.
Тандерси пред својата публика победија со 118-103 против Минесота Тимбервулвс и поведоа со 2:0 во серијата подобар до четири победи.
Со 38 поени и осум асистенции, Шаи уште еднаш покажа дека е играч за големи натпревари.
Натпреварот започна изедначено, но клучниот момент дојде во третата четвртина, кога Тандер направија неверојатна серија од 23-5 и целосно ја презедоа контролата над мечот. Тимбервулвс се обидоа да се вратат и го намалија водството на 10 поени во последната четвртина, но немаа сили за целосен пресврт.
Оклахома, најдобриот тим во регуларната сезона, уште еднаш ја оправдува својата репутација. Минесота, пак, сега се соочува со тешка мисија – да победат четири од следните пет натпревари против екипа која игра со самодоверба и ритам.
Серијата се сели во Минесота за натпреварот број три, кој може да биде клучен за судбината на Тимбервулвс. Ќе видиме дали „волците“ имаат одговор на МВП-тп Шаи и неговите соиграчи.




































