Веројатно ниту најголемите оптимисти не очекуваа дека македонска екипа ќе има свој претставник во финале на европските ракометни купови сезонава.
Сепак, ракометарите на Алкалоид тоа го демантираа на најубав можен начин. Со осум победни, едно реми и еден пораз, популарните „фармацевти“ изборија финале.
Избраниците на Кирил Лазаров ќе се борат за трофејот во третото по ранг ЕХФ натпреварување, Европскиот куп. Противникот е одамна познат, а тоа е грчкиот АЕК.
Првиот натпревар ќе се игра во Атина веќе во недела (18 мај) во терминот од 18 часот. Љубителите на ракометот во Македонија, овој меч ќе може да го гледаат низ директен ТВ пренос на Македонската телевизија (МРТ).
Реваншот дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за 25 мај (недела) од 20:30 часот.
 
             
		