Вториот патник во финалето на плеј-офот во Втората кошаркарска лига, ќе го дознаеме по одигрувањетои на „мајсторката“.

Ова откако вечерва во реванш полуфиналниот дуел одигран во Штип, домашните Соколи со 80-71 ги совлада Ангели и израмнија на 1:1 во победи.

Гостинската екипа подобро го започна натпреварот и имаше најголеми девет поени предност (8-17). Нервозната игра на двете страни придонесе за голем број на прекини и промашувања. Во таквата игра подобро се снајдоа домашните кошаркари кои успеаја да направат пресврт. Соколи на одмор да заминат со пет поени предност 41-36.

И во второто полувреме иста слика на теренот. Во третата четвртина Соколи имаа и 12 поени предност 50-38, но во последната влегоа со половина од тоа 59-53. Штипските Соколи беа решени да ја искористат предноста на домашниот термин и тоа го направија. Во последната четвртина стигнаа и до најголеми 13 поени предност 68-55. Тоа се покажаа како решавачки, а на крајот славеа со девет разлика.

Така Соколи успеаја да го израмнат резултатот во победи и да се изборат за „мајсторка“. Решавачкиот меч што ќе се игра во Скопје, според најавите, на програмата треба да биде во сабота. Победникот од тој натпревар ќе му се приклучи на Маџари во финалето, но поважно, ќе избори пласман во Првата лига.