Големото дерби во македонскиот ракомет дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар се игра попладнево со почеток во 18:30 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Ова е дуел од 5.коло од плеј-офот од Супер лигата, или вкупно трета пресметка на овие две екипи сезонава, втора во Битола.
Ова е натпревар кој ќе одлучи со каква бодовна предност ќе продолжат конкурентите за титулата во следните пет кола, натпревар кој ќе даде психолошка предност до крајот на шампионатот, но не треба да се заборави дека во борбата за шампионската титула е и единствениот македонски тим во европските купови во моментов Алкалоид бидејќи и Е.Пелистер и Вардар ќе имаат гостување во Автокоманда пред нивниот следен дуел во последното коло.
Бодовната предност во моментов е за актуелниот првак Еурофарм Пелистер поради подобриот скор во мини табелата со скопските екипи Вардар и Алкалоид, каде сите три тима имаа по две победи и два пораза. На првиот дуел во Битола Е.Пелистер славеше победа со 35:33, иако битолчани имаа и поубедливо водство, додека во Скопје „црвено-црните“ се радуваа на триумф со 27:24.
Салата во Битола е веќе распродадена, а домашниот тим ќе има поддршка од своите симпатизери, додека има најава за присуство и на навивачите на Вардар. Натпреварот ќе го судат Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, додека делегати се Душко Камишевски и Марјан Начевски.
Во терминот од 19 часот во Кавадарци ќе играат и Тиквеш – Охрид во третиот натпревар од оваа рунда, а во вторникот Алкалоид го совлада Бутел со 33:30.
ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 11 бодови, Вардар 10, Алкалоид 8, Охрид 3, Тиквеш 3, Бутел 0.
Двата натпревари може да ги ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ.


































