Единствениот македонски преостанат претставник на европската ракометна сцена, Алкалоид денеска го чека нов предизвик. Популарните „фармацевти“ од Автокоманда пред својата публика ќе го играат првиот меч од полуфиналето во ЕХФ Европскиот куп.

А, до место меѓу четирите најдобри, тимот на Алкалоид стигна со седум победи и едно реми. Сепак, сега предизвикот ќе биде далеку поголем бидејќи за противник ќе го има норвешкиот тим на Рунар.

Станува збор за исклучително квалитетна екипа со која избраниците на Кирил Лазаров тешко ќе се надигруваат, особено кога во прашање е транзицијата.

Ова меѓу останатото го истакна Лазаров кој посака, било каква победа, па макар изразена и само со еден гол разлика.

Капитенот Игор Ѓоргиев верува дека со поддршката на домашната публика, Алкалоид е кадарен да направи уште еден успех.

Дуелот меѓу Алкалоид и Рунар што ќе се игра во салата Автокоманда од 19 часот, може да го гледате низ директен пренос на МРТ 3 (овде)