Попладнево во романскиот град Клуж, ќе биде извршена ждрепката за квалификациите за Европското првенство за ракометарки 2026.
Македонските ракометарки од третиот сад ќе ја чекаат ждрепката по која ќе ги дознаат своите противнички. Јасно е дека нашите ракометарки нема да играат против: Украина, Португалија, Италија, Косово, Грција.
24-те репрезентации ќе бидат поделени во шест групи од кои двете првопласирани ќе обезбедат настап на првенството. Ним ќе им се приклучат четири најдобри третопласирани од групите. Со тоа ќе биде заокружена бројката од 24 репрезентации кои ќе играат на шампионатот што ќе се одржи во пет земји.
Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција како домаќини и медалистите од претходното првенство Норвешка, Данска и Унгарија имаат гарантирано учество. Првенството ќе се одржи следната 2026 година од 3 до 20 декември.
Квалификациските натпревари ќе се играат во три т.н. „прозори“. Првиот од 15 до 19 октомври годинава, потоа 4 до 8 март и последниот од 8 до 12 април следната 2026-та година.
Денешната ждрепка ќе почне во 17 часот.
Шешир 1: Франција, Шведска, Холандија, Германија, Црна Гора, Шпанија
Шешир 2: Словенија, Хрватска, Австрија, Швајцарија, Србија, Исланд
Шешир 3: МАКЕДОНИЈА, Украина, Португалија, Италија, Косово, Грција
Шешир 4: Фарски Острови, Финска, Израел, Босна и Херцеговина, Литванија, Белгија.
Ивона Кимовски