Овој викенд на програмата е 7.коло од плеј-офот во женската ракометна Супер лига, а во исто време, започнува и плеј-аутот, додавајќи дополнителна неизвесност во завршницата на сезоната.

Ѓорче Петров ќе има релативно лесна задача, гостувајќи кај Астибо во Штип, а натпреварот е закажан за 12 часот. Ѓорчепетровки убедливо го држи врвот на табелата, а со овие бодови само ќе ја зацврсти својата лидерска позиција.

Во 14 часот Вардар ќе го пречека Металург Автокоманда во салата „Круме Кепески“. Во претходниот меѓусебен дуел, Металург беше убедлив и славеше со 33:18, па останува да видиме дали Вардар ќе успее да се реваншира.

Дербито од ова коло ќе се одигра во салата „Перо Наков“ во Куманово, каде Кумановки ќе се соочат со Чаир. Натпреварот е закажан за 18 часот. Во нивниот последен дуел, Чаир беше подобар и триумфираше со 31:26.

Во рамките на плеј-аутот ќе се одиграат уште три натпревари.
Ѓорче Петров 2 ќе гостува кај Деспина во Прилеп, додека Овче Поле на домашен терен во салата „Цар Самоил“ ќе ја пречека Стружанка. Последниот натпревар од ова коло ќе се одигра во салата „Круме Кепески“, каде ќе се сретнат Спартак и Шампион.

Ивона Кимовска