Ракометарите на Алкалоид се на чекор до пласман во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп. Ова откако тимот на Алкалоид убедливо со 12 гола разлика го доби првиот осминафинален меч со Бриксен.
На првиот меѓусебен натпревар од осминафиналната рунда одигран вечерва во Италија, тимот од Автокоманда славеше со 44-32.
Македонскиот вицешампион одлично го отвори натпреварот и поведе со 6-0. Од тој момент избраниците на Лазаров веќе го најавија триумфот. Иако домашниот состав успеа да намали на -2, сепак на одмор Алкалоид замина со +5 (16-11).
И во вториот дел иста слика. Алкалоид во 36-тата минута имаше и седум голови предност (најголеми до тој момент). Бриксен постојано ја бркаше таа негатива, но италијанската екипа, беше далеку од избегнување на пораз.
Најефикасен во редовите на Алкалоид беше Игор Ѓорѓиев со 7 голови, додека Мартин Серафимов и Александар Петковски постигна по шест.
Пласманот меѓу осумте најдобри во ова европското натпреварување, Алкалоид треба да го потврди следната сабота (22 февруари). За тогаш е закажан реванш дуелот што ќе се игра во Автокоманда од 18 часот.